На 12 Април 2024 година, Ветеринарната комора на РСМ потпиша Договор за соработка со Турската ветеринарно медицинска асоцијација во Музејот во Битола, како симболичен чин на историските врски помеѓу двете држави и народи.
На почетокот на церемонијата Извршниот директор на Ветеринарната комора на РСМ д-р Томислав Николовски им посака топло добредојде на Турската делегација предводена од Претседателот Проф. д-р Мурат Арслан, Потпретседателот д-р Танер Канбулут и Генералниот секретар Проф.д-р Мурат Финдик, Градоначалникот на Битола Прим. д-р Тони Коњановски, Претседателот на Албанската ветеринарна комора д-р Ервин Рeсули, Претседателот на Црвен Крст на Република С.Македонија Проф. д-р Ромел Велев, како и Деканот на Ветеринарен факултет - Битола Проф. д-р Никола Караболовски, Деканот на ветеринарен факултет –Стара Загора Проф. д-р Лазарин Лазаров, Деканот на ветеринарен факултет - Тирана Проф. д-р Резарт Постоли и другите гости.
Тој му се заблагодари на Претседателот на Турската ветеринарно медицинска асоцијација за воспоставената досегашна соработка, а сега со потпишување на Договорот и официјално двете организации ќе имаат поголема можност за интензивирање на соработката.
Добредојде на присутните им посака и градоначалникот на Битола, прим. д-р Тони Коњановски, кој истакна дека претставува особена чест и задоволство да се присуствува на настан кој е од огромно значење за унапредување на меѓународната соработката на двете организации.
Договорот за соработка беше потпишан од страна на Претседателот на Ветеринарната комора на РСМ д-р Жарко Михајлоски и Претседателот на Турската ветеринарно медицинска асоцијација Проф. д-р Мурат Арслан. По потпишувањето на договорот двајцата претседатели изразија обострано задоволство од потпишување на истиот со надеж дека ќе придонесе за интензивирање на соработката во насока на остварување на активности и иницијативи од заемен интерес за едукација и подобрување на знаењата и стручноста на докторите по ветеринарна медицина од двете држави.
За време на посетата гостите во придружба на домаќините од Ветеринарната комора на РСМ имаа можност да ја разгледаат музејската поставка во која е претставена спомен соба на Мустафа Кемал Ататурк.