Членување во ветеринарна комора
ПРАВА НА ЧЛЕНОВИТЕ НА КОМОРАТА
- да учествуваат во работата на Комората;
- да бираат и бидат бирани во сите органи на Комората;
- да бидат целосно информирани за работата на Комората;
- да изнесуваат свои мислења и иницираат донесување на одлуки во органите и телата на Комората;
- пред одборите на Комората да ги изнесуваат меѓусебните спорови и случаи на повреда на етичките норми;
- да учествуваат во организирањето на стручни средби, семинари и други облици на стручно усовршување што ги организира Комората;
- други права кои произлегуваат од актите на Комората.
ОБВРСКИ НА ЧЛЕНОВИТЕ НА КОМОРАТА
- да ги спроведуваат одлуките на органите на Комората, да го почитуваат кодексот и статутарните одредби;
- да се придржуваат на утврдените минимални цени за ветеринарните услуги;
- да даваат потребни податоци за водење на евиденцијата и пријавуваат нивна промена во рок од 15 дена;
- да ги задоволуваат критериумите на стручна оспособеност;
- редовно да плаќаат членарина;
- да присуствуваат на стручните средби , семинари и други облици на стручно усовршување.
УПИС ВО РЕГИСТАР НА ДОКТОРИ ПО ВЕТЕРИНАРНА МЕДИЦИНА
Начинот на упис и регистрација на членовите во Ветеринарната комора на Република Северна Македонија, видовите членство, начинот на мирување и престанок на членството, се уредени со Правилник за членство во Ветеринарната комора на Република Северна Македонија.
Докторите по ветеринарна медицина стекнуваат членство во Комора со поднесување пријава за упис во Регистарот на доктори по ветеринарната медицина и со доставување на докази за исполнување на следните услови:
- завршен факултет за ветеринарна медицина;
- државјанство на Република Северна Македонија;
- уплата за упис во регистар на доктори по ветеринарна медицина;
- уплата на членарина за тековна година.
Врз основа на Одлука од Извршниот одбор на Ветеринарната комора на Република Северна Македонија со бр.02-135/10 од 21.06.2023 година, висината на надоместокот за упис во регистарот на доктори по ветеринарна медицина изнесува 3000 денари.
Пример за уплата во регистар
ЧЛЕНАРИНА
Висината на годишната членарина заклучно со 2023 година изнесува 1800 денари. Врз основа на Одлука од Собрание на Ветеринарната комора на Република Северна Македонија со бр.02-89/9 од 31.03.2023 година, висината на годишната членарина од 01.01.2024 година изнесува 2500 денари.
Членовите на Комората имаат обврска редовно да плаќаат годишна членарина, најдоцна до крајот на месец февруари за тековната година.
Пример за уплата за членарина
МИРУВАЊЕ НА ЧЛЕНСТВО ВО КОМОРАТА
Членството на докторот по ветринарна медицина во Комората, може да мирува во следните случаи:
- кога му е изречена санкција времена забрана за вршење на професија, должност или дејност, во времетраење колку што му е изречена санкцијата;
- на негово лично барање поради: невработеност, извршување на јавна функција, долготраен престој во странство и во други случаи.
За време на мирување на членството во Комората, докторот по ветеринарна медицина не смее да ја користи лиценцата за работа, легитимацијата и факсимилот издаден од Комората и истите ги доставува на Комората на чување.
За мирување на членството во Комората, одлучува Извршниот директор на Комората со решение, по претходно доставено барање од докторот по ветеринарна медицина.
ПРЕСТАНОК НА ЧЛЕНСТВО
На докторот по ветеринарна медицина ќе му престане членството во Комората во следните случаи:
- по сопствено барање,
- со исклучување кога не ги исполнува обврските пропишани со Статутот на Комората, односно поради последователно неплаќање на две годишни членарини,
- со смрт,
- во други ситуации пропишани со закон.
Докторот по ветеринарна медицина на кој му престанало членството, е должен во рок од 8 дена од приeмот на решението за престанок на членство, во Комората да ја врати лиценцата за работа, легитимацијата и факсимилот.
За повторен упис во регистарот поради исклучување на членство, докторот по ветеринарна медицина треба да плати уписнина во петкратен износ од утврдениот надоместок за упис во регистар.