На ден 08.04.2024 година во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“ во Скопје, Ветеринарната комора на РСМ го одржа своето 28-мо Редовно годишно собрание, на кое беа презентирани извештаите за работа помеѓу двете собранија од клучните органи на Комората. Најпрвин, Претседателот д-р Жарко Михајлоски го презентираше извештајот за работата на Комората, како и Годишниот план за работа за наредниот период.
Исто така, беше презентиран и усвоен финансискиот извештај за 2023 година, а своја презентација за извршениот надзор, имаше и Претседателот на Надзорниот одбор д-р Дарко Кузмановски кој истакна дека финансискиот извештај содржи прецизни и јасни податоци значајни за финансиското работење на Комората, при што може да се констатира рационално користење на финансиските средства во изминатиот период. Од негова страна беа истакнати и препораките во врска со зголемување на износот за лиценцита за работа, како и годишните членарини за докторите по ветеринарна медицина, со оглед на тоа што истите се повеќе од 15 години непроменети. Во врска со ова прашање се разви дискусија од која произлезе заклучок Извршниот одбор да формира комисија која врз основа на економските показатели ќе изработи соодветен предлог.
За својата работа, извештај поднесе и Претседателот на Стручниот одбор, проф. д-р Ромел Велев, кој ги истакна главните поенти во процесот на издавање, продолжување и обнова на лиценците за работа, како и бројот на акредитирани настани. Во изминатиот период, Комората има акредитирано вкупно 7 настани за континуирана едукација кои заедно носат 55 бодови, од кои 4 настани кои со вкупно 18 бодови, биле бесплатни. Во тој контекст, проф. Ромел Велев потенцираше дека на докторите по ветеринарна медицина им се нудат различни видови на континуирана едукација за унапредување на своите професионалните способности и вештини, поради што се размислува, во иднина бодовите во лиценцниот период да се категоризираат на бодови стекнати од домашни и меѓународни настани, при што 70 бодови од домашните акредитирани настани да се задолжителни за докторите по ветеринарни медицина за време на еден лиценцен период.
На ова Собрание, беше развиена опсежна дискусија за потребата од ревидирање и дополнување на Минималниот ценовник на ветеринарни услуги пропишан од Ветеринарната комора на РСМ, при што се донесе заклучок дека несомнена е потребата од негово ажурирање и за таа цел да се формира Комисија која ќе го изработи предлог ценовникот , кој ќе биде ставен во јавна расправа до сите членови на Комората и во крајна фаза донесен од Извршниот одбор.
На крај, се дискутираше и за проблемот во врска со следливоста и прометот на ВМП, поради што се донесе заклучок за фомирање на работна група за изработка на техничка спецификација на соодветен авторизиран систем за компјутеско евидентирање и следење на ВМП во целиот ланец во нивното ставење во промет и употреба.