На 9 ноември 2026 година, докторите по ветеринарна медицина и другите вработени во ветеринарно -здравствениот приватен сектор на мирен протест пред Агенцијата за храна и ветеринарство и Владата на Република Македонија испратија јасна порака за неопходноста од итни мерки и системски решенија за надминување на долгогодишните проблеми.
Протестот, организиран на иницијатива на ветеринарните друштва, со целосна поддршка на Ветеринарната комора, беше израз на оправданата загриженост за одржливоста на ветеринарно-здравствениот систем и иднината на професијата.
Барањата на ветеринарните друштва беа писмено доставени до АХВ и Владата, со јасно укажување на потребата од итно надминување на актуелните проблеми, но и од воспоставување долгорочни и одржливи решенија.
Во рамките на протестот беше одржана работна средба со директорот на АХВ и неговите потесни соработници, на која беа разгледани најгорливите проблеми и договорени конкретни чекори за нивно надминување.

Особено охрабрува фактот што за дел од итните барања е најавено решавање во најкраток можен рок, додека претставниците на Агенцијата за храна и ветеринарство и Ветеринарната комора изразија силна подготвеност преку партнерски однос, конструктивен дијалог и заедничко дејствување да се решаваат и сите останати наталожени проблеми во ветеринарно-здравствениот сектор.
Ветеринарната комора го поздравува ваквиот пристап и останува цврсто посветена на застапувањето на оправданите барања на своите членови, активно придонесувајќи кон реализацијата на договореното и воспоставувањето стабилен, функционален и одржлив ветеринарно-здравствен систем.
Веруваме дека овој протест ќе претставува пресвртница кон посуштински институционален дијалог, меѓусебна доверба и конкретни решенија во интерес на ветеринарната професија и целото општество.
СИЛНА ВЕТЕРИНАРНА ПРОФЕСИЈА – БЕЗБЕДНО И ЗДРАВО ОПШТЕСТВО!