Во периодот од 22 до 25 октомври 2026 година, во Пула, Република Хрватска, се одржа традиционалниот научно-стручен собир со меѓународно учество „Ветеринарни денови 2026“, најголемиот годишен едукативен и стручен настан на ветеринарната професија во Хрватска, организиран од Хрватската ветеринарна комора, Ветеринарниот факултет при Универзитетот во Загреб и Хрватскиот ветеринарен институт.
На овој значаен настан, Ветеринарната комора на Република Северна Македонија ја претставуваше делегација во состав д-р Жарко Михајлоски, претседател на Комората, и д-р Томислав Николовски, извршен директор.
.jpg)
На собирот учествуваа бројни истакнати предавачи, научници и стручњаци од Хрватска и од други земји, кои преку своите излагања ги претставија најновите научни сознанија, практични искуства и актуелни предизвици во различни области на ветеринарната медицина. Меѓу предавачите беше и проф. д-р Ромел Велев од Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје, кој со своето учество даде придонес кон меѓународната размена на стручни и научни знаења.
Особено значење на настанот му даде присуството на високи претставници на државните институции на Република Хрватска, претставници на ветеринарните комори од регионот, како и на раководството на Федерацијата на ветеринари на Европа (FVE).

Во рамките на собирот, претставниците на Ветеринарната комора на Република Северна Македонија остварија средби и непосредни контакти со повеќе истакнати претставници на хрватските државни институции, меѓу кои и г. Давид Влајчиќ, потпретседател на Владата на Република Хрватска и министер за земјоделство, шумарство и рибарство, како и г-ѓа Маријана Петир, претседателка на Одборот за земјоделство при Хрватскиот сабор.
Г-ѓа Маријана Петир е добро позната и во македонската јавност по нејзината долгогодишна поддршка на европските интеграции на нашата држава и заложбите за нејзино приближување и полноправно членство во Европската Унија, особено за време на нејзиниот мандат како пратеничка во Европскиот парламент.
Присуството на овој реномиран меѓународен собир претставуваше одлична можност за воспоставување и продлабочување на професионалните контакти со претставниците на ветеринарните комори, европските ветеринарни организации и академската заедница. Во непосредните разговори беа разменети мислења и искуства за актуелната состојба во ветеринарната професија во регионот, предизвиците со кои се соочуваат ветеринарните лекари, како и можностите за натамошна соработка и заедничко дејствување во насока на унапредување на професионалниот статус и условите за вршење на ветеринарната дејност.

Особен впечаток оставија високото ниво на организација на настанот, како и присуството и поддршката на највисоките претставници на хрватските државни институции, со што уште еднаш беше потврдено значењето и угледот што ветеринарната професија и Хрватската ветеринарна комора го уживаат во институционалниот и општествениот живот на Република Хрватска.
Ваквиот однос на државните институции кон ветеринарната професија, препознавањето на нејзината незаменлива улога во заштитата на здравјето на животните, јавното здравје и безбедноста на храната, како и почитувањето на ветеринарната комора како релевантен професионален партнер, претставуваат позитивен пример и практика што заслужува да биде следена и во нашата држава.
Ветеринарната комора на Република Северна Македонија изразува благодарност до Хрватската ветеринарна комора и нејзиниот претседател Иван Земљак за поканата, исклучителното гостопримство и одличната организација на настанот.
Комората и во иднина ќе продолжи активно да ја развива меѓународната соработка, да ја зајакнува својата поврзаност со регионалните и европските ветеринарни организации и да ги промовира добрите европски практики во интерес на ветеринарната професија во Република Северна Македонија.