На покана на Професионалниот ред на доктори по ветеринарна медицина на Република Албанија (UPMVSH), делегација на Ветеринарната комора на Република Македонија, составена од заменик-претседателот д-р Рами Селмани и извршниот директор д-р Томислав Николовски, оствари официјална работна посета на Република Албанија.
Посетата беше од особено значење бидејќи претставуваше прва официјална посета на странска професионална делегација по неодамнешниот реизбор на претседателот на Професионалниот ред на доктори по ветеринарна медицина на Република Албанија, д-р Ервин Ресули. Делегацијата на Ветеринарната комора на Република Македонија ја искористи оваа можност уште еднаш да му го честита повторниот избор на д-р Ресули, посакувајќи му успешен мандат исполнет со нови професионални достигнувања, натамошен развој на албанската ветеринарна професија и уште посилно регионално и меѓународно позиционирање на институцијата што ја предводи.
Во рамките на посетата беше одржана официјална средба со раководството на Професионалниот ред на доктори по ветеринарна медицина на Република Албанија, при што беа потврдени долгогодишните пријателски односи и исклучителната институционална соработка меѓу двете професионални организации. Во разговорите беше изразено заедничко задоволство што воспоставените партнерски односи денес претставуваат пример за успешна регионална соработка, заснована на меѓусебна доверба, почит и заедничка визија за развој на ветеринарната професија.
Посебно значајна беше и официјалната работна средба во Министерството за земјоделство и рурален развој на Република Албанија, на која делегацијата беше примена од заменик-министерката г-ѓа Тана Штиља Кика, во присуство на директорот за развој во областа на безбедноста на храната, ветеринарството, заштитата на растенијата и рибарството, г. Бледи Миле, директорката на Дирекцијата за ветеринарни политики, г-ѓа Матилда Џепа, како и други високи претставници на Министерството.
За време на разговорите беа разгледани повеќе теми од стратешко значење за ветеринарниот сектор, меѓу кои организацијата и функционирањето на ветеринарната служба, усогласувањето на националното законодавство со правото на Европската Унија во рамките на Поглавје 12, контролата и управувањето со прекуграничните заразни болести кај животните, како и можностите за понатамошно продлабочување на регионалната соработка.

Една од централните теми беше организацијата на Регионалниот конгрес на ветеринарните комори и професионални редови на Балканот, кој во октомври оваа година ќе се одржи во Охрид, во организација на Ветеринарната комора на Република Македонија. Воедно, со особено задоволство беше потврдено дека домаќин на Конгресот во 2028 година ќе биде Професионалниот ред на доктори по ветеринарна медицина на Република Албанија, што претставува признание за неговата сè поактивна улога во унапредувањето на регионалната ветеринарна соработка.
Ветеринарната комора на Република Македонија изразува искрена благодарност до претседателот д-р Ервин Ресули, раководството на Професионалниот ред на доктори по ветеринарна медицина на Република Албанија, како и до Министерството за земјоделство и рурален развој на Република Албанија за исклучителното гостопримство, беспрекорната организација и конструктивните разговори што претставуваат силен поттик за понатамошно продлабочување на соработката.
Оваа официјална посета уште еднаш потврди дека меѓусебната доверба, професионалното партнерство и заедничката посветеност кон европските стандарди претставуваат цврста основа за понатамошно унапредување на ветеринарната професија, заштитата на здравјето на животните, безбедноста на храната и јавното здравје, во интерес на граѓаните на двете држави и на целиот регион.