Во прекрасниот амбиент на Офицерски дом,на 09.05.2026 година се одржа 4-тиот Семинар во организација на Ветеринарна комора на Република Македонија и Ветеринарниот факултет при УКЛО Битола, кој со повеќе од 240 учесници, гости и предавачи се вброи меѓу најмасовните и најзначајни настани досега организирани во рамките на континуираната едукација на ветеринарната професија во државата.

Настанот претставуваше вистинска потврда за значењето и обединувачката сила на ветеринарната професија, собирајќи на едно место доктори по ветеринарна медицина, претставници на академската заедница, институциите и колеги од повеќе држави од регионот.

Свои обраќања на отворањето на семинарот имаа домаќините — деканот на Ветеринарниот факултет во Битола, проф. д-р Панче Дамески, и претседателот на Ветеринарната комора, д-р Жарко Михајлоски, а на присутните им се обратија и ректорот на Универзитет „Св. Климент Охридски“– Битола, проф. д-р Игор Неделковски, градоначалникот на Битола, д-р Тони Коњановски, како и директорот на Агенција за храна и ветеринарство, д-р Оливер Миланов.

Во своето обраќање, директорот на АХВ истакна дека токму докторите по ветеринарна медицина – практичари претставуваат најважната оперативна компонента без која Агенцијата не би можела ефикасно да ја остварува својата функција во заштитата на здравјето на животните, безбедноста на храната и јавното здравје.

Особена вредност на семинарот му дадоа и предавањата на еминентни предавачи од земјата, како и гости од Словенија, Бугарија и Србија, кои преку своите излагања овозможија размена на искуства, современи знаења и професионални практики од различни области на ветеринарната медицина.

Преполната свечена сала, која остана исполнета до последното предавање, беше најдобрата потврда за интересот, посветеноста и потребата од вакви професионални собири. Воедно, тоа беше и јасен показател дека овој семинар, кој веќе четврти пат се организира во Битола, прераснува во значајна и препознатлива традиција на македонската ветеринарна професија.

Семинарот уште еднаш покажа дека кога се обединети струката, академската заедница и институциите, се создава простор за вистински професионален напредок, меѓусебна поддршка и градење на заедничка визија за иднината на ветеринарната медицина.
