Под мотото “ВО СЛУЖБА НА ЗДРАВЈЕТО НА ЖИВОТНИТЕ И ЛУЃЕТО”, од 18 до 20 Октомври 2024 година во хотел Инекс Олгица во Охрид, Ветеринарната комора прослави 30 години од нејзиното формирање.
На 18 Октомври 2024 година беше одржана свечена академија на која се направи ретроспектива на работата на ВКМ, беа доделени Плакети за значаен придонес во развојот на Ветеринарната комора на поранешните претседатели на Комората, на домашни институции, меѓународни институции, Ветеринарни комори и други асоцијации со кои ВКМ има потпишано договор за соработка. За прв пат во историјата на Ветеринарна комора беа доделени почесни членства на соработници кои со своето залагање дале значаен придонес за развој и афирмација на Ветеринарната комора на Македонија на меѓународно поле.
Исто така беа доделени благодарници на поединци и фирми за нивниот придонес во развојот на Ветеринарната комора.
Гости на овој значаен настан на ветеринарната професија во нашата држава беа претседателот на Европската унија на ветеринари практичари, како претставник на ФВЕ д-р Фолкер Мозер (Р.Австрија) претставници на АХВ предводени од зам.директорот г-дин Фадил Асани, деканот на ветеринарниот факултет во Битола Проф. д-р Никола Караболовски, деканот на Факултетот за ветеринарна медицина при универзитетот во Тирана проф.д-р Резарт Постоли, највисоките раководства на Коморите на Словенија, Хрватска, Србија, Бугарија, Турција, Република Српска, Црна Гора и Косово, Здружението на ветеринари практичари на Србија, МСАВА и други.