На 21.08.2024 година на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје се одржа стручен состанок со цел запознавање со епидемиолошката состојба на болеста Чума кај малите преживари во регионот и мерките кои треба итно да се преземат за спречување на појава и ширење на болеста во државата.
Пред присутните претставници на ветеринарните друштва свое обраќање имаа: д-р Томислав Николовски, Извршен директор на Ветеринарна комора, д-р Оливер Миланов, Директор на Агенција за храна и ветеринарство и Проф. д-р Деан Јанкулоски, Декан на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје.
Болеста не е опасна за луѓето, но кај овците и козите предизвикува голема смртност и огромни економски загуби, поради што координирана акција за воспоставување на мерки за спречување на појава и ширење на болеста, размена на информации и планирање на активностите преку интерактивно поврзување на сите чинители, почнувајќи од примарните производители, ветеринарните друштва, науката и институциите на системот, се клуч за успешна превенција и заштита од појава на оваа болест, беше заклучокот од состанокот.
Проф. д-р Кирил Крстевски и Проф. д-р Игор Џаџовски од Факултетот за ветеринарна медицина, преку своите презентации ги информираа присутните доктори по ветеринарна медицина за ширењето на болеста, симптомите, начините на пренесување, ставајќи акцент на обврските кои во процесот на рана детекција треба да ги спроведат ветеринарните друштва - земањето на мостри за лабораториско испитување, нивното пакување и транспорт до лабораторија. Д-р Вања Кондратенко, раководител на Секторот за здравствена заштита на благосостојба на животните при АХВ освен на карактеристиките на болеста се осврна и на националната правна рамка која го уредува постапувањето во случај на евентуална појава на болеста.