На покана на Ветеринарната комора на Албанија во Валона на 28 и 29.11.2023 година се одржа состанок на коморите на Албанија, Македонија и Косово. Делегацијата на ВКМ ја сочинуваа Потпретседателот д-р Рами Селмани и
Извршниот директор д-р Томислав Николовски.
Претставниците на трите комори дискутираа за преземање на конкретни чекори за интензивирање на меѓусебната соработка на полето на континуираната едукација на докторите по ветеринарна медицина. Договорено е да се споредат актите за евалуација на формите на КСЕ, нивна хармонизација и вклучување на коморите од поширокиот регион. Исто така со цел да се обезбедат квалитетни форми , теми и предавачи договорено е да се изнајдат начини за заедничко организирање на настани од КСЕ. Посебен акцент на состанокот беше ставен на потребата од заедничка соработка во проектни активности особено во делот на решавање на проблемот со бездомни кучиња , како и проблемот со антимикробна резистенција. Во рамките на состанокот беше потпишан договор за соработка помеѓу претседателите на коморите на Албанија и Косово д-р Ервин Ресули и д-р Арсим Адеми.
Воедно делегациите на трите комори се договорија да направат заеднички напори и поддршка за заокружување на институционалната позиција Ветеринарната комора на Р.Косово.
Едногласно беше заклучено дека со либерализација на пазарот на трудот за регулирани професии , вклучително и ветеринарната е потребна континуирана соработка на коморите од целиот регион на земјите од Западен Балкан .
Дводневната работна средба на претставници на трите комори беше одбележана со исклучително топло гостопримство и одлична организација, во која гостите имаа прилика да се запознаат и со начинот на функционирање на теренската ветеринарна служба , како и посета на фарми во регионот на Фиер.
Делегациите понесувајќи убави впечатоци и задоволство од континуитетот на добрите релации кои се воспоставени со потпишувањето на договорите за соработка со ветеринарните комори на Албанија и Косово во Попова Шапка во 2017 година, останува уверување дека се воспоставени цврсти основи за заедничко делување во интерес на ветеринарната професија во трите земји.