На ден 31.03.2023 година во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“ во Скопје, Ветеринарната комора на Република С. Македонија го одржа своето 27-то Редовно годишно собрание, на кое во одлична работна атмосфера и конструктивна дискусија, беше разгледано досегашното и беа донесени важни одлуки за понатамошното работење на ВКМ, а се искористи и приликата на присуство на Директорот на АХВ, д-р Николче Бабовски за свечено потпишување на Методологијата за утврдување на цени за активности од јавен интерес.
По утврдувањето на кворумот за работа, верификациона комисија, отворањето на собранието и утврдувањето на дневниот ред, извештај за работата на ВКМ помеѓу двете собранија поднесе Претседателот на ВКМ Д-р Жарко Михајлоски, кој истакна неколку главни поенти кои го одбележаа претходниот период:
-зголемувањето на цените за активностите од јавен интерес за вкупно 33% во однос на претходниот период;
-завршување на процесот на изработка и усогласување на „Методологијата за утврдување на цени за активности од јавен интерес од областа на здравствената заштита на животните“ помеѓу ВКМ и АХВ;
-активно учество во процесот на борба против ширењето на Африканската чума кај свињите;
-иницијатива за изработка на предлог стратегија за решавање на проблемот со кучињата скитници;
-започнување на административна и правна консолидација на работата на ВКМ.
Беше презентиран и усвоен финансискиот извештај за 2022 година, за чиј надзор свој извештај даде Претседателот на Надзорниот одбор Д-р Дарко Кузмановски, при што беше констатирано успешно и домаќинско работење на ВКМ.
Претседателот на ВКМ Д-р Жарко Михајлоски го презентира и Годишниот план за периодот до следното собрание, во кој ги потенцира идните стратешките цели:
-понатамошна грижа за материјално-финансиската состојба на ДВМ,
-планирање и спроведување на различни форми за континуирана едукација
-активно лобирање за намалување на стапката за ДДВ за ветеринарни услуги од 18% на 5%,
-изработка на стратегија за решавање на проблемот со бездомните кучињата ,
-понатамошно градење на институционалниот и професионалниот капацитет на Комората и на ветеринарната професија воопшто.
Свој извештај поднесе и Претседателот на Стручниот одбор при ВКМ, Проф. Д-р Ромел Велев, кој даде осврт на процесот на издавање, продолжување и обнова на лиценците и за процесот на континуирана едукација организирана претходниот период.
Со цел да се поттикне солидарноста, но и да пружи помош во најтешките животни моменти на своите членови, Комората на 27-то Редовно Годишно Собрание донесе Одлука за формирање на Солидарен фонд и донесе Правилник за солидарен фонд. Во рамките на дискусијата согледувајќи ги сите економски движења, непроменета членарината веќе 13 години и формирањето на Солидарниот фонд, на предлог на Надзорниот одбор, беше донесена одлука за зголемување на висината на членарината со важност од 01.01. 2024 година на 2500 денари, од кои 15% ќе се издвојуваат во Солидарниот фонд. Со отворање на посебна сметка за Солидарниот фонд, донесена е одлука веднаш од сметката на Комората да се префрлат 150.000 (сто педесет илјади) денари.
Делегатите на ова собрание исто така го донесоа „Правилникот за членство“, со кој се допрецизираат сите права и должности на членовите, а во тој дух и конечно решавање на проблемот со нередовното плаќање на членарината, како и можноста за мирување на членството .
На ова собрание беа донесени уште неколку важни одлуки кои се важни за процесот на лиценцирање на ДВМ:
- Допрецизирање на „Правилникот за проверка на стручните знаења на ДВМ за обновување на лиценцата“, во случај на задоцнето поднесување на барање за продолжување на лиценца за работа.
- Одлука за престанок на важност на „Одлуката за продолжување на траењето на лиценцата за работа за дополнителни 9 месеци, поради Ковид 19 пандемијата“,
- Донесување на заклучок со кој се задолжува Извршниот одбор на ВКМ за укинување на членот од „Правилникот за облиците на континуираното стручно усовршување на ДВМ“ според кој, обврската за континуирана едукација завршува со исполнување на 25 години работен стаж во ветеринарната професија, или 6 последователни лиценци за работа На тој начин се отстранува пречката за континуирана едукација на сите ДВМ и прифаќање на европскиот концепт за доживотно учење. Одлуката стапува на сила од 01.01.2024 година и нема да важи за ДВМ кои веќе го оствариле правото до тој датум.
Во рамките на 27 Редовно годишно собрание беше потпишана финалната и усогласена верзија на „Методологијата за утврдување на цени за активности од јавен интерес од областа на здравствената заштита на животните“, изготвена од мешовитата комисија формирана од членови на ВКМ и АХВ, со учеството на надворешни членови.