На 6 и 7 мај 2016 година Ветеринарната комора на Република Србија, беше домаќин на состанокот на меѓународната група "Вишеградска Вет+ " во Суботица, која ја сочинуват претставници од 13 Ветеринарни комори од Централна, Источна Европа и Балканот.
На состанокот учествуваа 25 делегати од 11 земји од регионот, меѓу кои и претседателот на Ветеринарна комора на Република Македонија д-р Томислав Николовски и Претседателот на Стручен одбор на Ветеринарна комора на Република Македонија проф-д-р Влатко Илиески , како и претседателот на Европската федерација на ветеринари - FVE , д-р Рафаел Лагенс, заменик-претседател на FVE д-р Золт Пинтер и Канцеларот за Европа и претседател на комитетот за политика на Светската ветеринарна асоцијација-WVA, д-р Зоран Kатринка.
Претставниците на коморите од сите земји дискутираа за здравствената заштита и благосостојба на животните, епизоотиолошката ситуација, ситуацијата во сточарското производство, како и за состојбата во која се наоѓа ветеринарната професија. Посебен акцент е даден на прекуграничните инфекции кај свињи и за актуелната закана во регионот од болеста Јазлеста кожа кај говеда (Lumpy skin disease).
Најголемо внимание беше посветено на одредбите од новиот европски закон за контрола на заразни болести кај животните и нејзиното влијание врз здравјето и ветеринарното законодавство во одделни земји. Вонредната важност на овој закон од аспект на ветеринарната медицина и јавно здравство е фактот дека 60 посто од заразните болести на човекот се зоонози.