Свечено потпишана методологијата за утврдување на цените за активности од јавен интерес

03.04.2023

Одржувањето на 27-то Редовно годишно собрание на 31.03.2023 година во Скопје, се искористи како добра прилика, во присуство на делегатите на Собранието и најтесното раководство на АХВ и ВКМ , за свечено потпишување на Методологијата за утврдување на цените за активностите од јавен интерес.
Изготвувањето на овој исклучително значаен и комплексен документ траеше долго време и неговата финализација бараше голема посветеност и флексибилност на сите членови вклучени во нејзината изработка и усогласување.
Методологијата ја потпишаа двајцата координатори на целиот процес , од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство директорот д-р Николче Бабовски и од страна на Ветеринарната комора на РСМ, поранешниот претседател и актуелен извршен директор на ВКМ д-р Томислав Николовски .

Не криејќи го задоволството од успешно завршената работа директорот на АХВ во своето обраќање до присутните делегати и гости на Собранието истакна:
“Методологијата ја направивме врз основа на  договорени принципи на Агенцијата за храна и ветеринарство и Комората во интерес на  правично вреднување на трудот на докторите по ветеринарна медицина кои се активно вклучени во реализација на активностите од јавен интерес дефинирани со Годишната наредба за здравствена заштита на животните која секоја година ја носи АХВ.  Станува збор за документ кој ќе овозможи ветеринарната струка да се позиционира на вистинското место во општественото живеење и преку кој ќе се создадат услови  во соработка со науката. Во областа на ветеринарството како држава аспирант за членство во Европската унија овој документ претставува основа заедно да го поддржиме и да работиме на европскиот принцип Едно здравје”.
Извршниот директор на Комората, д-р Томислав Николовски истакна дека овој документ, слободно може да се каже дека има историска димензија , особено ако се има во предвид деценискиот проблем со утврдување на цените за активностите од јавен интерес, кој секогаш бил во фокусот на делување на Комората, Посебно се заблагодари на директорот на АХВ за покажаната спремност и визија да се изнајде трајно и системско решение за утврдување на цените за активности од јавен интерес со јасна и прецизна методологија на пресметка врз база на дефинирани економски инпути, независно од персоналните решенија во институциите, како и до сите членови во мешовитата комисија , кои поединечно со големо залагање и принципиелен став  дадоа огромен придонес за успешно донесување на оваа Методологија.
Согласно одредбите од документот Методологија стапува на сила и важи од денот на нејзиното потпишување , се очекува брзо административно процесуирање и нејзина имплементација .

Пребарување