Ветеринарната служба во своите почетоци беше организирана како Сојуз на друштва на ветеринарни лекари и техничари се до 1993 година, кога претседателството на седница одржана на ден 13.05.1993 година носи одлука со која Сојузот на друштвата на ветеринарни лекари и техничари се трансформира во Македонска Ветеринарна Комора
Комората е организирана како професионална организација на ветеринарните стручњаци во државата, вработени во сите сегменти на ветеринарната служба. Како таква, Македонската Ветеринарна Комора успешно дејствува во унапредувањето на ветеринарната професија и улогата на ветеринарните професионалци во ветеринарниот сервис на државата.
Со измените на Законот за ветеринарно здравство од 2007 и Статутот на Комората донесен на Собрание на ден 13.09.2008 година името на Македонската Ветеринарна Комора се менува во Ветеринарна Комора на Република Македонија и темелно се зајакнува нејзината позиција и улогата како институција со Јавни овластувања добиени од страна на државата, кои за цел имаат заштита и унапредување на стручните, научните и економските интереси на докторите по ветеринарна медицина преку регистрација, лиценцирање, контрола на работата на ветеринарните стручњаци и нивна континуирана едукација. На овој начин се надеваме дека ќе се создадат услови ветеринарите во нашата држава да го добијат заслуженото место и позиција, како и нашите колеги во Европа кон која искрено тежнееме.