|
Врз основа на член 13 и 14 од Законот за ветеринарно здравство и член 19 и 91 од Статутот на Македонската ветеринарна комора, Собранието на Македонската ветеринарна комора на седницата одржана на 13.09.2008 година во Скопје, го усвои следниот
С Т А Т У Т
НА ВЕТЕРИНАРНА КОМОРА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
- пречистен текст -
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Ветеринарната комора на Република Македонија е професионална организација на докторите по веринарна медицина која ги штити и унапредува стручните, научните и економските интереси на своите членови.
Член 2
Со овој Статут се уредуваат организационата поставеност, задачите и работењето на Ветеринарната комора на Република Македонија, начинот и средствата за дејствување, членството, органите на управување, начинот на избор и отповикување, мандатот, одлучувањето и одговорноста на органите, застапувањето и представувањето, изворите на средства, нивното трошење и контрола и други прашања.
Член 3
Комората се основа согласно закон и има својство на правно лице.
Член 4
Комората самостојно одлучува за соработка со слични асоцијации.
Комората соработува со слични меѓународни организации како набљудувач или како полноправен член.
II. НАЗИВ, СЕДИШТЕ И ПОДРАЧЈЕ НА ДЕЛУВАЊЕ
Член 5
Називот на комората гласи: Ветеринарна комора на Република Македонија
Скратениот назив гласи: ВКМ
Член 6
Комората делува на целото подрачје на Република Македонија.
Член 7
Седиште на комората се наоѓа во Скопје.
Член 8
Комората има заштитен знак кој се состои од три кирилични букви ,,ВКМ". Буквите В и М се во иста висина, а меѓу нив на средината малку подолу е буквата К, кои изгледат ВКМ и означуваат Ветеринарна комора на Македонија.
Комората има печат и штембил.
Печатот на Комората е тркалезен со пречник од 30 мм, со кружно впишан текст ,,Ветеринарна комора на Република Македонија, а во средината на печатот е знакот ВКМ.
Штембилот на Комората е правоаголен со димензии 60 по 25 мм, и го содржи полниот назив на Комората, како што е во печатот, број, година и место на седиштето на Комората.
Член 9
Одлука за промена на називот, седиштето, подрачјето на дејствување, начинот на употреба на штембилот и печатот донесува орган одреден со овој Статут.
III. ЦЕЛИ И ЗАДАЧИ
Член 10
Целта на Комората е да ги штити и застапува стручните, економските интереси и професионалната чест на своите членови и да се грижи за исполнување на професионалните обврски. Врз основа на Законот и Статутот ги извршува следниве задачи:
1) води регистар на членовите на Комората;
2) на членовите им издава, продолжува и одзема лиценца за работа;
3) го контролира и следи работењето на докторите по ветеринарна медицина;
4) утврдува Кодекс на професионалните етички должности и права и го следи неговото спроведување;
5) формира Суд на честа, кој разгледува и одлучува за повредите на Кодексот од страна на членовите на Комората и води дисциплинска постапка;
6) планира и организира курсеви за унапредување на професионалните способности, научните знаења и експертиза за актуелни и значајни прашања од ветеринарен интерес;
7) ги утврдува најниските цени на ветеринарните услуги,освен за услугите кои се од јавен интерес;
8) по барање на Министерството, дава мислење и предлози при процесот на донесување акти со кои се регулираат прашањата, условите и начинот на вршење на ветеринарната дејност;
9) донесува статут на Комората;
10) ја поттикнува соработката, води постапка на помирување при етичките спорови помеѓу членовите на Комората;
11) обезбедува правна и професионална помош на своите членови;
12) иницира покренување на постапка кај надлежните органи против лицата кои неовластено вршат ветеринарна дејност;
13) им помага на докторите на ветеринарна медицина при барањето на работа;
14) организира и извршува издавачка и информативна дејност и
15) врши други работи и активности врз основа на јавните овластувања утврдени со Законот за ветринарно здравство, другите закони и со Статутот на Комората.
Член 11
Комората функционира во четири одбори како основни организациони единици.
Одборите имаат правилници со кои се утврдува делокругот и начинот на нивната работа.
Деловникот за работа го донесува собирот на докторите по ветеринарна медицина во одборите.
IV. ЧЛЕНСТВО, ПРАВА, ОБВРСКИ И ОДГОВОРНОСТИ НА ЧЛЕНОВИТЕ
Член 12
Членувањето во Комората е задолжително за сите физички лица кои работат како доктори по ветеринарна медицина во Република Македонија.
Почесен член на ВКМ може да биде секој граѓанин на Република Македонија како и странски државјанин кој придонел за ветеринарната професија или за научната област на ветерината или на друг начин придонел за работата на Комората.
Почесните членови на Комората ги избира Собранието на предлог од Извршниот одбор.
Член 13
Статусот член на Комората се стекнува со запишување во Регистарот на членови на Комората .
Условите за членство во Комората се:
- завршен факултет по ветеринарна медицина
- да е државјанин на Република Македонија
Член 14
Во остварувањето на целите и задачите на Комората, членовите на Комората ги остваруваат своите права, обврски и одговорности на начин утврден со закон и со овој Статут.
Член 15
A) Права на членовите на Комората се:
- да учествуваат во сите активности на Комората;
- да бираат и бидат бирани во сите органи на Комората;
- да бидат целосно информирани за работата на Комората;
- да изнесуваат свои мислења и иницираат донесување на одлуки во органите и телата на Комората;
- пред одборите на Комората да ги изнесуваат меѓусебните спорови и случаи на повреда на етичките норми;
- да учествуваат во организирањето на стручни средби, семинари и други облици на стручно усовршување што ги организира Комората;
- други права кои произлегуваат од актите на Комората.
Член 16
Б/ Обврски на членовите на Комората се:
- да ги спроведуваат одлуките на органите на Комората, да го почитуваат кодексот и статутарните одредби;
- да се придржуваат на утврдените минимални цени за ветеринарните услуги;
- да даваат потребни податоци за водење на евиденцијата и пријавуваат нивна промена во рок од 15 дена;
- да ги задоволуваат критериумите на стручна оспособеност;
- редовно да плаќаат членарина и
- да присуствуваат на стручните средби , семинари и други облици на стручно усовршување.
Член 17
На докторот по ветеринарна медицина ќе му престане членството во Комората:
1) по сопствено барање
2) со смрт на членот на Комората.
3) не ги исполнува обврските и
4) во други ситуации пропишани со закон.
V. ЈАВНИ ОВЛАСТУВАЊА НА КОМОРАТА
1. Водење на регистар на докторите по ветеринарна медицина
Член 18
Докторите по ветеринарна медицина кои се членови на Ветеринарната Комора задолжително мора да бидат впишани во Регистарот на доктори по ветеринарна медицина на Ветеринарната Комора на Република Македонија.
Докторот по ветеринарна медицина е должен да поднесе барање за запишување во Регистарот на доктори по ветеринарна медицина.
Со барањето е потребно да се достави доказ за исполнување на условите пропишани со Законот за ветеринарно здравство и овој Статут.
Регистарот на членовите на Комората се води на два начина и тоа во писмена форма како книга за регистар на членови и во електронска форма.
Регистарот и личните досиеа на докторите по ветеринарна медицина го води стручно - административната служба на Комората, а го надгледува комисија формирана од извршниот одбор.
Податоците од Регистарот се заштитени согласно Законот за заштита на лични податоци.
Обликот и начинот на уписот на докторите по ветеринарна медицина во Регистарот од одвој член и водењето на Регистарот поблиску ќе бидат утврдени со Правилник кој претходно го одобрува Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство како јавно овластување на Комората.
2. Издавање, продолжување и одземање на лиценца за работа
а. Издавање на лиценца
Член 19
Ветеринарната дејност во Република Македонија може да ја врши доктор по ветеринарна медицина со лиценца за работа на Ветеринарната Комора на Македонија.
Лиценцата за вршење на ветеринарната дејност е јавна исправа и се издава во форма на потврда и легитимација .
Носителот на легитимацијата е обврзан при вршење на ветеринарната дејност истата да ја носи и да ја покаже на барање на странката односно примателот на услуга.
Ветеринарната Комора на Република Македонија ја издава лиценцата за работа врз основа на писмено барање поднесено од докторот по ветеринарна медицина во врематраење од 5 години.
Лиценцата за работа за вршење на ветеринарна дејност се добива под следниве услови:
- ако завршил Факултет за ветеринарна медицина и се стекнал со звањето доктор по ветеринарна медицина;
- покрај условите од законот докторот по ветеринарна медицина треба да поседува и потврда за завршен приправнички стаж со времетраење од 6 месеци под менторство на доктор по ветеринарна медицина кој е овластен од страна на Комората.
Овластувањето од претходниот став го исполнуваат докторите по ветеринарна медицина кои покрај условите за добивање на лиценца ги исполнуваат и условите кои ќе бидат пропишани со посебен правилник.
Одобрувањето на докторот по ветеринарна медицина за менторство ќе биде регулирано од посебна комисија формирана од Извршниот Одбор на Комората:
-ако ги исполнува општите услови за засновање на работен однос
-ако е член на ВКМ.
Комората, врз основа на мислењето на стручниот одбор ја издава лиценцата за работа најдоцна во рок од 30 дена од денот на поднесување на барањето.
Комората ги впишува издадените лиценци за работа во Регистарот на
издадени лиценци.
б. Продолжување на лиценци
Член 20
Докторот по ветеринарна медицина поднесува барање за обновување на лиценцата за работа , а не подоцна од 90 дена пред денот на истекот на рокот на важноста на лиценцата за работа до Комората .
Кон барањето за продолжување на лиценцата за работа докторот по ветеринарна медицина доставува и доказ за исполнување на следните услови:
- соодветен број на бодови добиени преку континуирана едукација на докторите по ветеринарна медицина
- да нема забрана за вршење на дејноста
- да ги исполнува другите услови согласно статутот.
в. Одземање на лиценца за работа
Член 21
Судот на честа на Комората може на докторот по ветеринарна медицина привремено да му ја одземе лиценцата за работа, но не подолго од 6 месеци ако во постапка е утврдена и докажана повреда на Статутот, Кодексот на професионалните етички должности и права и другите правила.
Во најтешките случаеви на кршење на Статутот, Кодексот и другите правила заедно со докажани кривични дела, Судот на честа може да му ја одземе лиценцата за работа на подолг временски рок или трајно.
На докторот по ветеринарна медицина престанува да му важи дозволата за работа:
- ако лично се откаже од вршење на ветеринарната дејност,
- поради непродолжување на лиценцата за работа,
- ако се утврди дека повеќе не ги исполнува условите пропишани со Закон
- ако е исклучен од членство во Комората.
Престанокот на правата за обавување на ветеринарната дејност ги одредува Извршниот Одбор.
По конечноста на решението за одземање на лиценца за работа за решението се известуваат Управата за Ветеринарство и установата во која докторот по ветеринарна медицина е вработен.
На решението од Судот на честа странката има право на жалба до Министерот за земјоделство во рок од 15 дена.
Решението за одземање на лиценцата се запишува во Регистарот и објавува во гласилото на Комората.
Издавањето, продолжувањето и одземањето на лиценцата за работа ќе бидат прецизирани со Правилник кој претходно го одобрува Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.
3. Контрола и следење на работата на докторите по ветеринарна медицина
Член 22
Контролата и следењето на работата на докторите по ветеринарна медицина го врши комисијата за стручен надзор согласно програмата за работа.
Стручниот надзор може да биде редовен и вонреден.
Редовната контрола се врши најмалку еднаш на три години, а вонредната се врши по барање на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство- Управа за Ветеринарство или по писмена поплака од странка.
Контролата и следењето на работата на докторите по ветеринарна медицина опфаќа:
- надгледување на работата на ветеринарите при примена на признатите методи и достигнувања во ветеринарната медицина
- примена на Кодексот
- контрола врз примената на етичките и деонтолошките принципи
- контрола на квалитетот на давање на ветеринарните услуги и работа на ветеринарите со превземање на соодветни мерки на основа на обавениот надзор како и советување за нивна примена.
Надзорот го спроведува комисија составена од 5 членови на стручниот одбор, а ги предлага стручниот одбор.
Членовите ги избира Извршниот Одбор на Комората со времетраење до истекот на мандатот на стручниот одбор.
Претседателот на Комората може да именува членови на комисијата ако има вонреден надзор за секој поединечен случај.
Ако помеѓу членовите на комисијата се појави судир на интереси во постапката по која одлучуваат согласно законот за парнична постапка , претседателот може да именува други членови за секој случај поединечно.
Член на комисијата за надзор мора да ги исполнува следните услови:
- мора да биде член на Комората и да поседува лиценца за работа
- за вршење на надзор од полето на ветеринарната пракса на докторите по ветеринарна медицина мора да има 10 год. работно искуство или најмалку 5 годишно работно искуство од областа на ветерината пракса
- за вршење на надзор врз работата на докторите по ветеринарна медицина кои работат во другите области на ветеринарната професија членот од комисијата за надзор мора да има најмалку 5 годишно работно искуство и соодветно образование во истата област .
Редовниот надзор се обавува еднаш vo tri годиni врз основа на тригодишниот план и програма.
Тригодишниот план го носи Извршниот Одбор на Комората најкасно до 31 декември од завршната година за следната година на предлог на претседателот на Комората.
Усвоениот план го објавува веднаш по донесувањето.
Оправданоста на барањето за спроведување на надзорот од странката го оценува претседателот на Комората заедно со претседателот на стручниот одбор.
Одредбите од овој член ќе бидат детално прецизирани со Правилник кој го одобрува Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија.
ПРАВА И ОБВРСКИ НА ЧЛЕНОВИТЕ НА КОМОРАТА
Член 23
Во остварувањето на целите и задачите на Комората, членовите на Комората ги остваруваат своите права, обврски и одговорности на начин утврден со закон и со овој Статут.
VI ОРГАНИ НА КОМОРАТА
Член 24
Органи на Комората се:
- Собрание на Комората;
- Претседател на Комората, кој воедно е и претседател на Извршниот одбор;
- Потпреседател на Комората;
- Извршен одбор;
- Стручен одбор;
- Суд на честа;
- Надзорен одбор;
- Изборна комисија.
Член 25
Мандатот на членовите на сите органи на Комората трае четири години од денот на изборот, со можност да биде избран на истата функција најмногу во два мандата, со право на уште еден реизбор
Избраните членови на органите на Комората ја извршуваат својата функција и по истекот на мандатот, се додека не се изберат нови.
Член 26
На член на сите органи на Комората мандатот предвреме му престанува во случај на губење на членството во Комората, оставка, отповикување или разрешување.
VII. СОБРАНИЕ НА КОМОРАТА
Член 27
Собранието е највисок орган на Комората.
Собранието го сочинуваат ( врз основа на бројот на доктори по ветеринарна медицина ) делегати избрани на непосредни и тајни избори во четирите одбори. Членовите на Собранието се избираат по принципот на секои десет доктори по еден делегат.
Член 28
Собранието на Комората ги утврдува и се грижи за остварување на задачите кои произлегуваат од овој Статут и од Законот за ветеринарното здравство.
Собранието донесува:
- Статутот на Комората,
- Кодексот на професионалните етички должности и права и деонтолошки и етолошки односи;
- Правилници во врска со јавните овластувања на Комората по претходно добиена согласност од Министерот;
- Правилник за избор и отповикување на членови во органите на Комората;
- Правилник за работа на Судот на честа;
- Дисциплинско-етички правилник;
- Годишна програмата за работа на Комората;
- Годишен финансиски план и го прифака извештајот за завршната сметка;
- Деловник за работа на Собранието;
- Го усвојува извештајот за работата на претседателот и другите органи на Комората.
Собранието избира:
- Претседател;
- Потпреседател;
- Извршен одбор;
- Суд на честа;
- Надзорен одбор;
- Стручен одбор
- Изборна комисија
Собранието се грижи:
- за контуиниран и постојан развој на ветеринарната дејност;
- за прашања кои се однесуваат на положбата на докторите по ветеринарна медицина во општеството;
- за подобрување на материјалните услови на докторите по ветеринарна медицина;
Собранието одлучува:
- за соработка на Комората со други сродни организации, асоцијации и здруженија;
- за членување во меѓународни организации;
- за ставови, заклучоци и препораки за актуелни прашања кои ги решаваат одборите;
- за висината на членскиот влог;
- за висина на надоместокот за лиценца по претходно одобрување од Министерот;
- за основање на стручни секции;
- за престанок на работа на Комората;
- расправа и донесува заклучоци за сите други прашања од делокругот на работата на Собранието.
Член 29
Собранието заседава по потреба, а најмалку еднаш годишно.
Седница на Собранието свикува претседателот по сопствена иницијатива по барање на Извршниот одбор или на најмалку една третина од членовите на Собранието.
Претседателот е должен да го свика Собранието најдоцна 14 дена по добивање на барањето, а ако тоа не го стори, Собранието можат да го свикаат предлагачите.
Член 30
Поканата за свикување на Собрание мора да биде врачена на членовите најмалку 10 дена пред седницата.
Во поканата треба да биде назначено местото, денот, часот и дневниот ред на седницата.
За мериторно работење и одлучување на Собранието потребно е да присуствува просто мнозинство на членовите на Собранието.
Начинот на работа се утврдува со деловник на Собранието.
За работата на Собранието се води записник кој се чува како документ со трајна вредност.
Член 31
Собранието ги избира и ги разрешува претседателот и потпреседателот со мнозинство гласови од членовите на Собранието. Гласањето е тајно гласање доколку Собранието не одлучи поинаку.
Начинот и постапките при кандидирање и гласањето за претседател, потпреседател и за членовите на органите на Комората поблиску се пропишува со Правилник.
VIII. ИЗВРШЕН ОДБОР НА КОМОРАТА
Член 32
Извршниот одбор е извршен орган на Собранието на Комората. Извршниот одбор ги извршува задачите на Комората меѓу две седници на Собранието врз основа на деловникот и овој Статут.
Претседателот на Комората е претседател и на Извршниот одбор.
Извршниот одбор брои 7 члена во кои покрај претседателот, потпредседателот на Комората го сочинуваат и четирите претседатели на одборите на Комората и претседателот на Стручниот одбор.
Член 33
Извршниот одбор на Комората:
- подготвува материјали за седници на Собранието;
- ги спроведува заклучоците и препораките на Собранието;
- расправа и заклучува за прашања кои се значајни за ветеринарната дејност;
- расправа за заклучоците и донесува заклучоци според извештаите од одборите на Комората;
- ги верификува одлуките од Стручниот одбор;
- има право да смени член на Стручниот одбор;
- ја ускладува работата на одборите и другите тела на Комората;
- подготвува предлог-статутот, кодекс и други акти на Комората;
- одлучува по жалбите на одлуките на Судот на честа како второстепен орган;
- го изработува годишниот план за работа на Комората, финансискиот план и завршната сметка;
- по предлог на комисијата за економско-финансиски прашања ги утврдува минималните цени на ветеринарните услуги;
- го води финансиското и материјалното работење и управува со средствата на Комората;
- засновува работни односи со соработниците во стручно-административната служба на Комората;
- донесува општи акти потребни за работа на стручно-административната служба на Комората;
- донесува Правилник за издавачка дејност;
- формира комисии.( економско финансиска, стручна комисија и други).
Член 34
Седницата на Извршниот одбор ја свикува Претседателот на Комората.
Извршниот одбор може да заседава ако се присутни најмалку половината од неговите членови.
Одлуката е донесена ако за неа гласало мнозинството од присутните.
Претседателот е должен да свика седница на Извршниот одбор ако од него тоа го побараат најмалку една половина од неговите членови.
За својата работа Извршниот одбор одговара пред Собранието на Комората.
Работата на Извршниот одбор се утврдува со деловник.
Одлуките на Извршниот одбор ги потпишува претседателот или од него овластен член од Извршниот одбор.
За работата на Извршниот одбор се води записник.
IX. ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КОМОРАТА
Член 35
Кандидат за претседател и потпреседател може да биде секој член на Комората кој покрај изјава за кандидатура ќе приложи и писмена подршка од еден одбор или од 15 членови на Комората.
Член 36
Претседателот ја претставува и ја застапува Комората во земјата и надвор од неа
- ја свикува и води седницата на Собранието на Комората;
- ги спроведува одлуките на Собранието;
- ги спроведува заклучоците на Извршниот одбор;
- ги води седниците на Извршниот одбор на Комората;
- потписник е на сметката на Комората;
- ја координира работата на останатите органи на комората;
- управува со стручно-административната служба;
- ги потпишува актите на Комората.
Претседателот го заменува потпретседателот со сите овластувања.
Претседателот за својата работа е одговорен пред Собранието на Комората пред која еднаш годишно поднесува извештај.
Член 37
На барање на Извршниот одбор, Надзорниот одбор или една третина на членовите на Собранието, Собранието гласа за разрешување на претседателот пред истекот на времето за кое е избран.
X. СУД НА ЧЕСТА
Член 38
Судот на честа е орган на Комората кој разгледува и одлучува за одговорноста на ветеринарните стручњаци во случај на кршење на правилата на Кодексот на ветеринарната етика, односно одредбите на овој Статут и другите акти на Комората.
Членовите на Извршниот одбор не можат да бидат членови на Судот на честа.
Судот на честа го сочинуваат претседател и четири членови.
Претседателот на Судот на честа го избираат членовите меѓу себе.
Член 39
Никој не може да биде повикан пред Судот на честа заради политички или стручни погледи.
Член 40
Судот на честа работи во склад со одредбите на
- Правилникот за работа на Судот на честа
- Дисциплинско-етичкиот правилник
Судот на честа одлучува со мнозинство на гласови, а своите одлуки ги донесува во писмена форма.
Член 41
Постапка на утврдување на одговорност се покренува по писмен предлог на тужителот на Комората.
Член 42
За повредите востановени според овој Статут и другите акти на Комората, Судот на честа може да изрече
- опомена
- укор
- парична казна
- времено одземање на лиценцата за работа (најмногу до една година)
- трајно одземање на лиценцата за работа
За случаите на времено или трајно одземање на лиценцата Судот на честа ја известува Управата за ветеринарство.
Член 43
Кога Судот на честа одлучува во првостепена постапка, оптужениот може против првостепената одлука да се жали до Извршниот одбор на Комората.
Извршниот одбор на Комората го враќа предметот до Судот на честа на повторно разгледување, ако востанови неправилности во спроведената постапка.
Против второстепената одлука незадоволната страна има право на жалба до Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Член 44
Судот на честа за својата работа го известува Собранието на Комората.
Во поглед на постапката пред Судот на честа, одредбите од прописите за кривична постапка се применуваат на одреден начин.
ТУЖИТЕЛ НА КОМОРАТА
Член 45
Тужителот е орган на Комората и негова должност, право и обврска е да се грижи за почитувањето на Кодексот на професионалните етички должности и права и деонтолошки и етолошки односи, Статутот на Комората и прописите при вршење на ветеринарната дејност.
Член 46
Тужителот го избира Собранието на Комората и тој е независен во својата работа.
Тужителот на Комората мора да биде доктор по ветеринарна медицина, а има и двајца заменици кои ги именува Собранието.
Мандатот им трае четири години.
Член 47
Тужителот на Комората:
- донесува одлука за покренување службена постапка пред Судот на честа;
- по основ на пријава на член на Комората или друг субјект ,поднесува и застапува предлог за утврдување на кршењето на правилата на Комората, Кодексот и прописите при вршењето на ветеринарната дејност;
- предлага престанување на постапката;
- овластен е за поднесување на жалби и за покренување на одредена судска постапка.
БРАНИТЕЛ НА КОМОРАТА
Член 48
Бранителот на Комората ги застапува интересите на окривениот во службена постапка пред Судот на честа.
Бранител на комората може да биде секој член кој ќе го одбере окривениот.
Бранителот може да го одреди и Извршниот одбор на Комората.
На истиот начин на бранителот може да му се назначии заменик.
XI. НАДЗОРЕН ОДБОР
Член 49
Надзорниот одбор брои пет члена кои ги избира Собранието на Комората.
Членовите на надзорниот одбор избираат председател од својот состав.
Мандатот на членовите на одборот трае четири години.
Надзорниот одбор непосредно е одговорен пред Собранието. Најмалку еднаш годишно му поднесува извештај за финансиското работење на Комората на Собранието.
Член 50
Надзорниот одбор:
- ја надгледува законитоста и целисходноста на активнотите на Комората, вклучувајќи го и материјално-финансиското работење на Комората;
- ги надгледува книгите и актите кои се однесуваат на материјалната добивка и имотот на Комората и
- врши и други контроли според одлуката на Собранието.
Еднаш годишно на Собранието на Комората поднесува писмен извештај за својата работа.
XII. СТРУЧЕН ОДБОР
Член 51
Стручниот одбор има 15 члена од кои 8 члена кандидира Одборот на ветеринарните практичари, 1 член Одборот на ветеринарите вработени во државната администрација, 1 член Одборот на ветеринарите вработени во научно-образовните институции, 1 член Одборот на ветеринари вработени во фармација и индустрија, 3 члена ФВМ и 1 член представник на МЗШВ.
Членовите на Стручниот одбор ги избира Собранието на Комората, освен представникот на МЗШВ. Тие помеѓу себе бираат претседател на Одборот.
Заради унапредување на професионалните способности и научни знаења Стручен одбор предлага, ја организира и ја поттикнува континуираната едукација на членството.
Одборот ја следи и ја надгледува едукацијата и ја организира проверката на знаењето на членовите на Комората кои нема да успеат да ги исполнат условите што ги предвидува јавното овластување како релиценцирање.
Заради успешно извршување на задачите, Стручниот одбор соработува со компетентни институции и поединци од земјата и од странство. Одборот подготвува програма која ја усвојува Собранието и се грижи за негова реализација.
Одборот донесува Деловник за работа.
Член 52
Стручниот одбор
- Врз основа на Правилник ја спроведува постапката за издавање и продолжување на лиценца за работа.
- Го планира и програмира стручното усовршување на докторите по ветеринарна медицина. и врз основа на Правилник, а во рамките на јавните овластувања врши акредитација на разните форми на континуирана едукација.
- Врши валоризација на континуираната едукација и ја вреднува врз основа на документите предадени од докторите по ветеринарна медицина во процесот на релиценцирање.
- Изработува стандарди и процедури за вршење на ветеринарната дејност и примена на кодексот на добра ветеринарна пракса.
- Има советодавна улога во процесот на донесување на наставните планови и програми на Факултетот за ветеринарна медицина.
- Претставува советодавно тело на Министерот и по негово барање, дава мислење и предлози во процесот на донесувањето на актите со кои се регулираат прашањата, условите и начинот на вршење на ветеринарната дејност.
- Извршува и други задачи кои ќе му ги повери Собранието.
За својата работа Одборот е одговорен пред Собранието и еднаш годишно поднесува писмен извештај .
XIII. ИЗБОРНА КОМИСИЈА
Член 53
Комисијата за избори има 5 членови, избрани од Собранието, кои меѓу себе бираат претседател и нејзиниот мандат трае до крајот на наредното изборно собрание.
Согласно Правилникот за спроведување на изборите ги прима кандидатурите, ги припрема, надзира и оценува изборите во Одборите и Собранието на Комората, ги објавува резултатите и решава по однос на добиените приговори .
Комисијата е непосредно одговорна само на Собранието.
КОМИСИЈА ЗА ЕКОНОМСКО -ФИНАНСИСКИ ПРАШАЊА
Член 54
Комисија за економско-финансиски прашања брои пет членови кои ги избира Извршниот одбор, кој:
- ја предлага висината на членскиот влог и другите давачки на Комората;
- во соработка со Одборот на ветеринарни практичари ги предлага минималните цени на ветеринарните услуги
- подготвува предлози за дополнително финансирање на активностите на Комората.
- ги извршува одлуките за финансирање на Комората;
- ги разгледува прописите од подрачјето на финансирањето;
- редовно ја анализира општествената положба на докторите по ветеринарна медицина.
Член 55
Комисијата за економско-финансиски прашања за својата работа е одговорна пред Извршен одбор.
XIV. ОДБОРИ
Член 56
Одборите се облик на дејствување на докторите врз основа на работите што ги извршува.
A) ОДБОР НА ВЕТЕРИНАРНАТА ПРАКСА
Член 57
Одборот го сочинуваат сите регистрирани доктори по ветеринарна медицина кои работат клиничка ветеринарна пракса.
Член 58
- Одборот се занимава со прашања од делокругот на работата на своите членови
- донесува програма за работа
- за својата работа донесува деловник за работа
Член 59
- Претседателството како извршен орган на Одборот го сочинуваат 5 членови кои мегу себе избираат претседател кој по функција е член на Извршен одбор.
- членовите на претседателството ги избираат докторите од Одборот од ветеринарната практика;
- членовите на претседателството се предлагаат и избираат од редот на докторите по ветеринарна медицина-практичари од ветеринарните друштва;
- Одборот донесува предлози и заклучоци кои се однесуваат на ветеринарната пракса, избира делегати во Собранието на Комората и кандидира членови за органите на Комората.
B) ОДБОР НА ВРАБОТЕНИТЕ ВО ДРЖАВНАТА АДМИНИСТРАЦИЈА
Член 60
Одборот го сочинуваат сите регистрирани членови на Комората кои работат во државната администрација.
Член 61
- Одборот се занимава со прашања од делокругот на работата на своите членови
- донесува програма за работа
- за својата работа донесува деловник за работа
Член 62
- Одборот избира претседателството како извршен орган кој брои 5 членови кои мегу себе избираат претседател, кој по функција е член на ИО.
- членовите на претседателството се предлагаат и избираат од редот на докторите по ветеринарна медицина вработени во државната администрација.
- Одборот донесува предлози и заклучоци кои се однесуваат на работата на докторите по ветеринарна медицина вработени како државни службеници;
- Избира делегати во Собранието на комората и кандидира членови за органите на Комората.
В) ОДБОР НА ВРАБОТЕНИ ВО НАУЧНО-ОБРАЗОВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ
Член 63
Одборот го сочинуваат сите регистрирани доктори по ветеринарна медицина кои работат во научно-образовните институции.
Член 64
- Одборот се занимава со прашања од делокругот на работата на своите членови
- донесува програма за работа
- за својата работа донесува деловник за работа
Член 65
- Одборот избира претседателство како извршен орган кој брои 5 членови, кои мегу себе избираат претседател кој по функција е член на ИО.
- членовите на претседателството се предлагаат и избираат од редот на докторите по ветеринарна медицина вработени во научно-образовните институции;
- одборот донесува предлози и заклучоци кои се однесуваат на научно-образивниот дел од областа на ветеринарната медицина , избира делегати во Собранието на Комората и кандидира членови за органите на Комората.
- има советодавна улога во наставниот план и програма за ветеринарната едукација.
Г) ОДБОР НА ДОКТОРИ НА ВЕТЕРИНАРНА МЕДИЦИНА ВРАБОТЕНИ ВО ФАРМАЦИЈАТА И ИНДУСТРИСКИТЕ КАПАЦИТЕТИ
Член 66
Одбор го сочинуваат сите доктори на ветеринарна медицина вработени во фармација и индустриските капацитети.
Член 67
- Одборот се занимава со прашања од делокругот на работата на своите членови
- донесува програма за работа
- за својата работа донесува деловник за работа
Член 68
- Членовите на Одборот бираат претседателство како извршен орган кој брои 5 членови, кои мегу себе избираат претседател кој по функција е член на ИО.
- членовите на претседателството се предлагаат и избираат од редот на доктори на ветеринарна медицина вработени во фармација и индустриските капацитети;
XV. ОПШТИ АКТИ НА КОМОРАТА
Член 69
Статутот на ВКМ претставува основен акт и со него мора да бидат усогласени сите акти на Комората.
Член 70
Акти на Комората се:
- Статутот на Ветеринарна комора на Република Македонија;
- Кодексот на професионалните етички должности и права и деонтолошките и етолошките односи;
- Правилник за организација и работа на Судот на честа;
- Дисциплинско-етички правилник
- Правилник за избори и отповикувања на членови во органите на Комората
- Правилник за стручно усовршување на ветеринарите;
- Правилник за вреднување на континуираната стручна едукација
- Правилник за лиценца и водење на регистерот на издадени, продолжени и одземени лиценци
- Правилник за водење на регистерот на членови на ВКМ
- Правилник за работа на стручниот одбор
- Правилник за надзор
- Правилникк за контрола и следење на работењето на докторите по ветеринарна медицина.
Член 71
Иницијатива за донесување, измени и дополнувања на Статут може да предложи Извршниот одбор, Надзорниот одбор или 1/5 од вкупното членство на комората.
Извршниот одбор именува Комисија за изработка на Статутот, негови измени и дополнувања и го одредува начинот и траењето на јавната расправа.
По јавната расправа, претседателот свикува седница на Собрание на кое се расправа за измените и дополнувањата на Статутот.
XVI. СТРУЧНА-АДМИНИСТРАТИВНА СЛУЖБА НА КОМОРАТА
Член 72
За вршење на стручни, административни, материјално финансиски, помошни и други работи, Комората има стручна служба.
Со вработените од стручната служба Извршниот одбор заснива работен однос на неопределено или определено време.
Стручно-административната служба на Комората ги извршува следниве задачи.
- води регистер на членовите на Комората
- води регистер за издадени, привремено одземени и одземени лиценци
- ја уредува интернет презентацијата на Комората и одговорна е за благовремено и точно информирање на членовите за сите активности на Комората.
- извршува материјално-финансиски работи за потребите на Комората.
- извршува и други работи доверени од претседателот и од Извршниот одбор
Член 73
Раководител на стручната служба е Секретарот на Комората.
Секретарот ја организира и ја помага работата на органите на Комората во рамките на добиените овластувања и врши и други работи за кои го овластуваат органите на Комората.
Секретар на Комората треба да биде член на Ветеринарната комора на Македонија и за својата работа е одговорен пред претседателот и Извршниот одбор.
Функцијата Секретар на Комората е неспоива со членство во органите на Комората .
Член 74
Делокругот за работа, правата и должностите на стручно-административната служба се утврдуваат со правилник кој го донесува Извршниот одбор.
XVII. СРЕДСТВА ЗА РАБОТА НА КОМОРАТА
Член 75
Комората ги одредува средствата потребни за работа на Комората со годишен финансиски план, врз основа на предвидените трошоци за извршување на задачите од програмата за работа на Комората, трошоците за работа на органите, работните тела и стручните служби на Комората и други тековни работи.
Финансискиот план го донесува Собранието на Комората на предлог на Извршниот одбор.
Ребаланс на финансискиот план донесува Извршниот одбор со дополнително известување на Собранието.
Член 76
Финансиското работење на Комората се врши според законот и другите прописи врз основа на законот, со овој Статут и со општите акти на Комората.
Член 77
Комората работи со единствена жиро сметка.
Член 78
Комората се финансира од:
- членарина;
- приходи од надоместоци за извршените услуги што ги врши Комората;
- приходи од одржување конгреси, симпозиуми и советувања;
- приходи од вршење стручни и научни услуги;
- приходи од издавачка дејност и
- други форми.
XVIII. ЈАВНОСТ ВО РАБОТАТА НА КОМОРАТА
Член 79
Комората обезбедува јавност во своето работење преку:
- отворени седници на органите на Комората, освен кога е тоа определено со Статутот и други акти на Комората;
- информирање на јавноста и членовите на Kомората за својата работа;
- соработка со средствата за јавно информирање.
Комората може да издава свое гласило преку кое обезбедува навремено информирање на своите членови и пошироката јавност, за своите одлуки, ставови, предлозии мислења усвоени на седниците на органите и телата како и за други активности што се од интерес за докторите по ветеринарна медицина.
Комората има ВЕБ-страница.
Претседателот на Комората и претседателите на органите, како и други лица што ќе бидат од нив определени, се овластени да даваат податоци и информации во врска со работата на Комората и нејзините органи.
Лицата од претходниот став не смеат да даваат податоци и информации кои според актите на Комората претставуваат тајна или со кои би биле нарушени интересите или угледот на членовите на членовите на Комората.
Со посебен акт на Комората се определуваат исправите и податоците што претставуваат тајна и чие соопштување на неовластено лице би било спротивно на интересите на членовите на комората.
XIX. ПРЕСТАНОК НА РАБОТА НА КОМОРАТА
Член 80
Комората престанува со работа доколку:
- со одлука на Собранието донесена со двотретинско мнозинство
- во други случаи определени со закон.
Член 81
Во случај на престанок на работа на Комората, целокупниот подвижен и неподвижен имот се предава на чување МЗШВ- ветеринарна управа се додека не се пронајде друга форма на организирање, а најдоцна до три години.
По истекот на овој рок средствата му припаѓаат на МЗШВ-ветеринарна управа.
XX. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 82
При изборот на членови на органите и телата на Ветеринарната комора на Република Македонија ќе се води сметка за соодветна застапеност на националностите.
Член 83
За толкување на Статутот овластено е Собранието на Комората.
Член 84
Општите акти на Комората ќе бидат усогласени со одредбите на овој Статут во рок од шест месеци од денот на неговото стапување во сила.
Член 85
Со стапување во сила на овој Статут престанува да важи статутот донесен на 23.10.1998 год. во Стар Дојран.
Член 86
Овој Статут е донесен на 13.09.2008 година во Скопје, а стапува во сила со денот на упис во Централниот регистар на РМ.
Претседател на Ветеринарна
Комора на Македонија
________________________
|